Снимка од запален Модел S ја намали вредноста на акциите на Tesla Motors

52

tesla-car-fireАкциите на производителот на електрични автомобили Tesla Motors паднаа за 6,2%, откако на интернет се појави снимка од пожар на еден од нивните автомобили на автопат во близина на Сиетл, пренесуваат американските медиуми.

Видеото прво се појавило на блогот Jalopnik, каде било постирано од читател.

Пожарот настанал од акумулаторот, откако возачот удрил во некаков метален објект на патот. Од компанијата за Блумберг изјавиле дека пожарот е резултат на несреќа, а пламените јазици биле задржани во предниот дел од автомобилот. Од Tesla Motors тврдат дека поради дизајнот и конструкцијата на автомобилот, огнот никогаш нема да влезе во внатрешноста на кабината.

Акциите на оваа компанија од почетокот на годината пораснаа за 400%, па се очекува штетата од ваквиот пад да не биде голема.

Моделот S седан чини 70.000 долари, а со едно полнење на батеријата може да помине 362 километри. Tesla Motors работи на поевтин модел за поширока популација, кој во продажба треба да се појави во 2016 година. Ќе чини 35.000 долари и со едно полнење ќе минува 322 километри.

Tesla Motors, компанија што се занимава со производство на автомобили на електричен погон, е во сопственост на Илон Маск, човекот кој ги поседува и SpaceX и SolarCity.