Со Бела книга до подобрување на бизнис климата во Македонија

55

invest-in-macedonia3_g333_0 Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија најави дека во текот на оваа година ќе излезе со Бела книга, во која ќе бидат содржани низа предлози за унапредување на бизнис климата.
Раководството на Советот појасни дека станува збор претежно за предлози за надминување на одредени административни проблеми и бирократски пречки со кои се соочуваат одредени странски инвеститори во Македонија.
Џатин Такрар, потпретседателот на Советот и директор на Џонсон Мети – Македонија, информираше дека се формирани работни групи од повеќе области, меѓу кои од човечките ресурси, даноците, финансиите и административните прашања.
„Целта на овие работни групи е да се подобри деловната клима во Македонија, да се посочат оние места каде што ние се соочуваме со предизвици и да се надминат“, изјави Такрар.
Такрар појасни дека овие групи, составени од стручни лица, работат на процедуралните постапки од административна гледна точка, на кој начин тие претставуваат потешкотија за бизнисот и што може да се направи за да се намали товарот од административна гледна точка за компаниите.
„Нашите предлози да бидат запишани во Бела книга која ќе содржи информации за гледиштата на компаниите за битни прашања за нив“, рече Такрар.
Денеска беше претставен и новоизбраниот претседателна Советот, Хуан Педро Хименез Наваро, извршен директор на Арцелор Митал – Скопје.
Наваро изрази надеж дека со неговото богато искуство во металурушкиот сектор, кое го стекнувал во изминатите 20 години во повеќе држави во светот, ќе даде и дополнително вредност во текот на неговото претседателство со Советот.
„Нашата цел е да бидеме веродостоен партнер и да даваме информации за влијанието кои што законите и нивната имплементација го имаат врз странските компании во Македонија, но и врз домашните. Токму затоа една од нашите цели е да ја завршиме Белата книга која ќе биде презентирана годинава“, изјави Наваро.
Токму во насока на унапредување на комуникацијата и координацијата со владините институции Советот за странски инвеститори денеска потпиша Меморандум за соработка со Агенцијата за инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија.
Директорот на Агенцијата, Висар Фида изрази надеж дека плод на заедничките напори на овие две институции ќе биде унапредување на бизнис климата во Република Македонија.
Фида истакна дека Invest Macedonia, покрај тоа што е задолжена да дава услуги на потенцијалните инвеститори, има задача и да се грижи за постоечките странски инвеститори во нивните постинвестициски активности.
„Странските компании кои веќе работат во Република Македонија се сами по себе најдобрата алка за промовирање на државата како атрактивна бизнис дестинација. Нивниот успех е и наш успех“, рече Фида.
Тој информираше дека во рамки на Агенцијата е формиран посебен сектор за грижа на инвеститорите, наречен „After care“, чија цел е да придонесе во континуитет успешна работа на странските инвеститори во Македонија.
„Секторот ќе продолжи во унапредување на услугите од типот реинвестирање, помош при избор на соодветни локации, во област на човечки ресурси, посредување во контакт со соодветни институции, посредување при добивање на соодветни работни дозволи, развој на соработка на инвеститорите со училиштата и универзитетите, посредување во преговори со локалните власти и администрацијата, пренесување на предлози од инвеститорите до владата со цел унапредување на климата“, истакна меѓу другото Фида.