Со дигитализацијата се менува начинот на којшто работи јавната администрација

40

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, се обрати на Pantheon Конференција 2019, во рамки на панел сесијата посветена на дигитализацијата во Северна Македонија.

Министерот Манчевски се осврна на проектите на кои работи Министерството за информатичко општество и администрација, а кои се во контекст на дигитализација на процесите и овозможување на пристап до услугите што ги нуди администрацијата, за сите граѓани.

“Администрацијата почнува да ги следи трендовите што ги наметнува приватниот сектори и самите граѓани. Во моментов работиме на финалната фаза на лансирање на Регистарот на население, како основа за Националниот портал за е-услуги. Порталот има за цел да служи како точка од која граѓаните ќе можат да ги добиваат сите услуги кои им се потребни. Наша цел е администрацијата да нуди побрзи, поевтини и подобри услуги. Таа реформа може да се постигне со алатките што ги нуди дигитализацијата. Со таа цел направивме измени во законската рамка, со што сега се овозможува замена на документите во хартија со електронски документи, и на тој начин го промовираме и концептот на работење digital first“, информираше министерот Манчевски.

Исто така, тој ја претстави и идејата за намалување на данокот на добивка за ИТ компаниите на 3%. Како што најави, во втората половина од 2019-та година, во консултации со бизнис секторот ќе се дефинираат деталите за реализација на овој концепт.

Во однос на прашањето каде Северна Македонија е позиционирана во однос на земјите од регионот и од Европа, кога е во прашање дигитализацијата, министерот Манчевски зборуваше за соработката помеѓу државите во регионот, и како дигитализацијата помеѓу другото служи и како точка за помирување помеѓу државите.

“Долго време нашата држава, заостануваше зад земјите од регионот и од Европа. Но, голем број на мерки беа преземени изминатите две години, што ја променија позицијата на Северна Македонија. Тука мислам на порталот за отворени податоци, за усогласување на регулативата со европската, а наскоро и со порталот за е-услуги. Во однос на регионот, голем број на проектите ги работиме и заедно. Намалување на цените во роаминг и признавањето на дигиталните сертификати со Србија се само дел од тоа на што регионално работиме во моментов“, истакна министерот Манчевски.

Конференцијата е во организација на компанијата Даталаб МК и МАСИТ.