Со државна помош 930 невработени ќе почнат сопствен бизнис

20

mladinevraboteni-e1329747327755На 930 лица ќе им биде дадена можност со државна помош да отпочнат сопствен бизнис. Ова е дел од Програмата за самовработување, за која Агенцијата за вработување денес објави оглас.

Оние лица кои ќе аплицираат за почнување бизнис од државата ќе добијат 185.000 денари неповратни средства за набавка на опрема и репроматеријали и 16.897 денари за основни обуки за водење бизнис и регистрација, односно вкупно 201.897 денари.

На денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски со директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски изјави дека невработените лица кои ќе аплицираат, ќе добијат поддршка за реализација на нивната бизнис-идеја преку обезбедување обуки со советување за изработка на бизнис-план и за планирање и управување со бизнис, што ќе трае пет дена.

Според Ристовски за Програмата за самовработување, која е дел од Оперативниот план за активни мерки за вработување за 2013 година, во изминатиот период имало голем интерес. Минатата година за 900 самовработувања аплицирале 4.783 лица.

Од 2007 година заклучно со минатата година досега се регистрирани 4.840 нови бизниси.

Како што информираше министерот досегашните шестгодишни оперативни планови, опфатиле повеќе од 45.000 лица, дел со директни вработувања и работни ангажмани, дел со обуки и практична работа за подобрување на нивните работни способности и вештини со цел олеснување до пристапот на пазарот на труд.

Од  Агенцијата за вработување велат дека анализата на мерката за самовработување во изминатите шест години покажала дека 77,2% од досега  финансираните бизниси по тој основ, заклучно со 2010 година, опстојуваат се уште и се успешни. Од вкупно 4.840 лица колку што досега добиле грант, 85% се се уште во работен однос, од кои 77% во свои фирми, а останатите во други правни субјекти. Од вкупно дадените финансии за самовработување за 2010 година, 28,2% го прошириле својот бизнис и овозможиле дополнителни вработувања.

“Од денеска стартуваме  со прием на апликации, а од среда со еднодневна обука за да сите што аплицирале полагаат електронски тест. Како и минатата година  тестот е составен од серија прашања и не може да се случи две лица  да добијат тест со исти прашања”, најави Поповски.

Според него преку програмата за самовработување, најмногу интерес има за отворање бизниси за трговија, мали занаетчиски бизниси, поголеми производствени бизниси, земјоделство и др.