Со ИКТ во агробизнисот до поголемо производство и пласман

54

Примената на компјутерите, иновативните технологии, електронските системи и дигиталните платформи е основа за современо, конкурентно земјоделство, порачаа учесниците на денешната конференција ИКТ во агробизнисот, пишува Миа.

Само ако располагаат со навремени и точни информации, земјоделците ќе знаат што точно да преземат и какви одлуки да донесат за поголемо производство и сигурен пласман.

ИКТ во земјоделството ќе го врати интересот на младите за оваа дејност, ќе поттикне отворање нови работни места и ќе овозможи поефикасно искористување на средствата од европските фондови.

“Изборот на ИКТ во земјоделството нема граници. Безжичните технологии за подобра комуникација, поставувањето сензори во почвата за следење на нејзината состојба, дроновите за снимање на обработливите површини, автоматизираното млекопроизводство, стекнувањето знаења он-лајн, електронскиот маркетинг и продажба,…, се само некои од можните решенија. Владата го поддржува процесот на нивното имплементирање, а една од можностите е и Фондот за иновации“, истакна министерот за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска.

Последните статистики покажуваат дека во Македонија има 1.475 активни ИКТ претпријатија со 16.205 вработени.

Според ФАО, до 2050 година во светот ќе има околу 9 милијарди луѓе што ќе значи многу поголема потреба од производство на храна, а ресурсите се помали. За надминување на ваквите предизвици, заклучија учесниците на конференцијата, ИКТ се едно од можните решенија.