Со индустриска стратегија Хрватска ќе отвора преку 85.000 нови работни места

38

hr industrijaИндустриското производство во Хрватска треба во периодот од 2014 до 2020 година да расте по годишна просечна стапка од 2,85%, во индустријата треба да се вработат преку 85.000 нови работници и да се оствари раст на извозот за 30%, се предвидува со предлог индустриската стратегија.

Со стратегијата се опфатени преработувачката индустрија, градежништвото и секторот за информации и комуникации.

Како клучни проблеми во хрватската индустрија се издвојуваат институционалното опкружување, неефикасниот јавен сектор, правната несигурност, корупцијата, високото и сложено даночно оптоварување, административните процедури и неразбирливи прописи. Останати проблеми, како што стои во документот, се ниско ниво на странски инвестиции, низок удел на високообразована работна сила, недоволно инвестирање во истражување и развој.

Четири приоритетни подрачја на дејствување што ги дефинира индустриската стратегија се создавање стабилно инвестициско опкружување, поттикнување на стратешка соработка меѓу индустријата и образовниот систем, реструктуирање на јавната управа и администрација и развој на пазарот на капитал. За сите овие приоритетни подрачја дефинирани се и низа конкретни мерки за реализација.

Предлогот на индустриската стратегија на Република Хрватска од 2014 до 2020 година вчера е објавен на интернет страната на Министерството за економија, со што започнува јавната расправа за овој документ, која ќе трае до 7 март.