Со какви протоколи Грција ќе пречекува туристи

398

Во обид да ја отвори земјата за туристите и да ја спаси сезоната среде пандемија, Грција воведе неколку протоколи што треба да се исполнат за да се намали загриженоста и кај туристите и локалните заедници.

Грчкиот министер за туризам, Харис Теохарис ги претстави протоколите за здравје и безбедност како одговор на коронавирусот. Протоколите беа составени од владата во соработка со Националната организација за јавно здравје.

Планот на официјалните лица е тестирањето да се прави во земјата од каде се доаѓа, па потоа безгрижно да се упатат кон Грција. Тестот не треба да биде постар од 72 часа. Инаку се очекува цената на тестови во Грција да изнесува 10 евра, иако во екот на епидемијата беше најавувано дека ќе чини од 120 до 300 евра.

На летовите од четири чaса на патниците нема да им биде сервирана храна, туку само спакувани грицки. Туристите ќе може да ја напуштат земјата без никаква контрола, за да се избегне ризик од задржување на патници во Грција. Карантинот би можел да ги дестимулира туристите да летуваат Грција.

Сместување

Секој хотел или друг тип на сместувачка единица ќе биде обврзан да договори лекари кои ќе престојуваат во таа единица или кој ќе утврди преку телефон дали туристот треба да биде тестиран на корона. Резултатите од тестирањето мора да бидат објавени најмногу за шест часа. Ако се утврди дека личноста е позитивна ќе биде сместена во карантин.

На персоналот ќе му биде обезбедена обука за хигиенски правила. Во хотелите нема да има шведска маса, туку гостите ќе бидат услужувани од страна на персоналот.

Лежалките на плажите ќе бидат на безбедна дистанца, а ќе бидат покриени со еднократни навлаки кои ќе се менуваат по секој гостин.

Како што пренесуваат грчките медиуми, министерот за туризам најави меѓународни договори со Бугарија, Израел и Кипар за да обезбеди слободен премин и враќање на туристите кои одат во Грција преку нив.

Грција минатата година оствари 18 милијарди евра приход од туризам.

Фото: Pixabay