Со кампањата Јас внимавам до поголема свесност за безбедност во сообраќајот

66

kampanja-jasvnimavam-za-pogolema-bezbednost-vo-soobrakajot-7

Јас внимавам е новата кампања на Окта во соработка со Министерството за внатрешни работи насочена кон зголемување на свесноста за подобрување на безбедноста во сообраќајот. Секој месец ќе биде посветен на различна тема од сообраќајот со поддршка од голем број јавни личности и доделување награди за совесните возачи.

“Како компанија која редовно ги следи и поддржува општествено – одговорните активности во земјава, оваа година, одлучивме да започнеме кампања за подигнување на свеста за безбедноста во сообраќајот, наречена Јас внимавам. Имајќи предвид дека безбедноста на патиштата е голем предизвик за целата заедница, веруваме дека истата заслужува континуирано и зголемено внимание, како и акција. Преку подигнување на општествената свест за лична и колективна безбедност во сообраќајот, очекуваме да придонесеме кон создавање одржлива култура за побезбедни сообраќајници. За таа цел, за секој месец подготвиме различни теми и настани поврзани со сообраќајните правила, а за најсовесните учесници во сообраќајот ќе следат и интересни награди. Поддршката од голем број јавни личности ќе ни помогне нашата порака да биде уште погласна, додека преку донација на сообраќајни полигони во повеќе училишта ширум земјава, ќе помогнеме за поефикасна сообраќајна едукација на нашите најмили. Ни претставува особено задоволство што Министерството за внатрешни работи ја препозна потребата од ваква иницијатива и безрезервно се вклучи во овој проект. Убедени сме дека нивната поддршка значајно ќе придонесе за поуспешна реализација на кампањата”, изјави Јанис Героуланос, Главен извршен директор на Окта.

Едукативните сообраќајни полигони ќе бидат донирани во повеќе од 15 основни училишта ширум земјава, а кампањата вклучува изведување театарска претстава на тема безбедноста во сообраќајот, а ќе бидат дистрибуирани и боенки со основните сообраќајни правила.

Содржината на кампањата и дефинираните проблеми во сообраќајот се создадени во соработка со Министерство за внатрешни работи кои ќе ја дадат својата поддршка во текот на одвивањето на сите активности.

“Со оглед на фактот дека според нашите статистики имаме нагорен тренд и зголемување на сообраќајните незгоди со сериозни, па дури и фатални последици, иницијативата на Окта за спроведување на национална кампања за подигнување на свеста ја прифативме без двоумење и ја даваме нашата целосна поддршка. Заедно со креативните решенија и едукативниот пристап, веруваме дека ќе направиме значајна и квалитативна промена во безбедноста во сообраќајот“, изјавија од МВР.

Кампањата стартува со активности кои ќе придонесат за подигнување на свеста за најчесто прекршуваното правило, односно учество во сообраќајот под дејство на алкохол. Првата јавна личност која ја дава својата поддршка за кампањата Јас внимавам е Жарко Димитриоски. Секој следен месец ќе биде посветен на некој од најчестите сообраќајни проблеми – како што се: неопходноста од користење заштитни шлемови за мотоциклистите и сигурносен појас за возачите на автомобил, возење и зборување на мобилен телефон, возење со препорачана брзина на патот, користење на детско седиште и соодветна зимска опрема.