Со нов проект ќе се развива туристичката понуда на Кокино

214

kokino

Денеска на прес конференција беше претставен проект за развој на архео-астрономскиот локалитет Кокино како туристичка дестинација. Проектот се спроведува од страна на Националната установа музеј Куманово, во соработка со Локалната акциона група Абер 2015 и со поддршка од Проектот за експанзија на мали бизниси, финансиран од УСАИД и владата на Швајцарија. На конференцијата се обратија министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Лела Крстевска, директорката на НУ музеј Куманово, Анита Цветановска, и Мајкл Стиватер, директорот на канцеларијата за развој на УСАИД Македонија.

Проектот за развој на Кокино како туристичка дестинација вклучува нова веб страна (www.kokino.mk) и видео спот за локалитетот, како и аудио водич (во форма на мобилна апликација), поставување на патокази, реновирање на информативни табли, поставување на заштитни прегради за ранливите делови од опсерваторијата и оградување на локалитетот. Опсерваторијата и светата планина Кокино е меѓу најстарите и најуникатните примери на културно наследство во Македонија, па затоа целта на проектот е локалитетот да стане лесно достапен за туристи и физички и на интернет, а притоа да се сочува неговиот автентичен изглед. По завршувањето на прес конференцијата се одржа работилница со туроператори за создавање на нови тури во североисточниот регион кои го вклучуваат Кокино, како и зголемување на квалитетот на постоечките.

Проектот го спроведува НА музеј Куманово, во соработка со Локалната акциона група (ЛАГ)Абер 2015. ЛАГ-от Абер 2015 е здружение на граѓани сочинето од претставници на јавниот, приватниот и граѓанскиот сектор од општините Старо Нагоричане, Липково и Куманово. Здружението беше основано во декември 2015 година како дел од воведувањето на ЕУ ЛЕАДЕР пристапот за локален економски развој во руралните средини. Во таа рамка, НА музеј Куманово и Абер 2015 го спроведуваат проектот за развој на Кокино со цел подобрување на туристичката понуда на североисточниот регион, а со тоа и стимулирање на економскиот развој на локално ниво. Истовремено, напорите на Министерството за култура за заштита и зачувување на Кокино придонесуваат за развој на одржлив туризам кој нема негативно да влијае врз природната средина и локалната култура.