Со нова стратегија до подобри резултати во земјоделството

26

Зголемување на конкуретноста на македонските земјоделското производство и прехранбената индустрија, развој на руралните средини, поддршка за формирање на земјоделски задруги и одржливо управување со природните ресурси се дел од целите на новата Нацрт – стратегија за земјоделство и рурален развој што ќе се имплементира од 2015 до 2020 година.

Овие цели се очекува да се реализираат преку низа проекти за модернизација на земјоделско-прехранбениот сектор, подобрување на квалитетот на земјоделските производи и едукација на земјоделците. Се планираат и сериозни инвестиции од страна на државата во изградба на инфраструктурата во руралните средини, а како дел од ова се и 20-те милиони евра што годишно ќе се вложуваат за подобрување на водостопанскиот систем, јавува Миа.

“Вкупниот износ на средства кој ќе биде издвоен за поддршка на политиките во земјоделството во следниот седумгодишен период е 1,1 милијарда евра. Во насока на модернизацијата на секторот и подобрување на условите за живот и работење во руралните средини е предвидено значително зголемување на средствата за кофинансирање на приватните инвестиции во земјоделските стопанства и преработувачки капацитети, и особено оние кои ќе бидат инвестирани во руралната инфраструктура и наводнувањето”, истакна министерот за земјоделство Михаил Цветков на денешната презентација и јавна расправа на Нацрт-стратегијата.

Очекувањата се дека со релизацијата на овие цели ќе се подобрат позитивните параметри во земјоделскиот сектор како што се зголеменото производство и извоз на земјоделските производи и зголемување на БДП во земјоделството.