Со самостојно царинење до побрза и поевтина трговија во ЦЕФТА

30

getImageThumbnailПримената на концептот Овластен економски оператор (ОЕО) ќе овозможи компаниите од земјите членки на ЦЕФТА да вршат самостојно царинење при извоз и увоз, со цел да се обезбеди побрза и поевтина трговија.

Потребно е да се воспостават контролни системи што ќе спречат евентуални злоупотреби.

Токму за можностите и начините на создавање програма за ОЕО ЦЕФТА компатибилна со ЕУ, се дебатираше на денешната конференција во Скопје. На конфренцијата своите мислења и идеи ги искажаа членови на деловната заедница и претставници на царинските управи на членки на ЦЕФТА (Македонија, Србија, Косово, Албанија, Босна и Херцеговина, Молдавија, Хрватска, Црна Гора), и од Австрија, Холандија, Велика Британија, Германија, Секретаријатот на ЦЕФТА.

Иако во Македонија постои регулатива за воведување на овластен економски оператор, концептот не е заживеан.

“Во 2012 година со царинските постапки  на локално царинење со кое компаниите сами царинат има достигнување од скоро 40% извоз и 25% увоз. Мора да работиме на зголемување на интересот. Пред се како царински управи ќе треба да работиме на зајакнување на нашите капацитети, да го оценуваме кредитниот ризик, постапките, и да влијаеме колку што можеме повеќе позитивно на економските оператори да ги почувствуваат бенефитите од овој концепт”, изјави директорот на Царинската управа на Македонија Ванчо Каргов.

Според Каргов концептот повеќе се применува во поразвиените држави и таму компаниите веќе ги чувствуваат бенефитите.

“Се склучуваат меѓународни договори за меѓусебно признавање на царинската контрола, ЕУ склучува со САД, САД со Јапонија…, што значи дека економските оператори меѓу овие држави имаат ист третман, сопствената царинска контрола се признава како на другата, а тоа помага да се забрза и поевтини увозот и извозот”, појасни Каргов.

Умут Ергезер, претставник на секретаријатот на ЦЕФТА, вели дека тој концепт е многу важен бидејќи со него може да се постигнат поставените цели за олеснување на трговијата во ЦЕФТА регионот и зголемување на економскиот развој.

“Оваа година имаме проект со ОЕЦД за помош за земјите-членки на ЦЕФТА во елиминирање на административните бариери што произлегуваат од царинското законодавство. Целта е да им се помогне на земјите од ЦЕФТА во справувањето со административните бариери поврзани со трговијата. Тоа е долг процес и не можеме да кажеме дека ќе ги елиминираме сите нетарифни бариери во текот на оваа година, бидејќи сите активности се долгорочни”, изјави Ергезер.

Царинската управа на Македонија ја организира конференцијата како претседавач на Поткомитетот за царина и потекло на ЦЕФТА.