Со Стратегијата SmartER Growth до удвојување на економскиот раст

33

“Нашата главна цел е, на среден рок, да го забрзаме економскиот раст од 2 до 2,5% во последната деценија на 4 до 5% просечен годишен раст во следните пет години. Ова ќе го постигнеме преку Стратегијата за економско заздравување и забрзан раст – SmartER Growth, чиј составен дел е и Буџетот за 2021 година“, истакна министерот за финансии, Фатмир Бесими на 4-та меѓународна конференција што се одржа во организација на Универзитетот Мајка Тереза, на тема Како до одржлив развој.

“Сега е најважно да се заштити здравјето на граѓаните, да се поддржи приватниот сектор и да се заштитат работните места. Ова се приоритетите коишто се поставени со првиот столб од Стратегијата за економско заздравување и забрзан раст – SmartER growth. Вториот столб од Стратегијата Забрзан, инклузивен и одржлив економски раст се фокусира на добро управување, макроекономска и финансиска стабилност, локален и рамномерен регионален развој, здрава животна средина и дигитализација на економијата. Третиот столб, пак, се фокусира на зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор, а четвртиот столб се фокусира на инвестициите во човечки капитал“, нагласи министерот и додаде дека со политиките и мерките што ќе се спроведат во рамки на Стратегијата ќе се постигне целта за побрз и одржлив економски раст.

На конференцијата поздравно обраќање имаше и ректорот на Универзитетот, Азиз Положани, кој се осврна на потребата од зајакнување на човечкиот капитал како главен фактор во постигнување одржлив развој.