Во светот на вината постојат две професии што се поистоветуваат, но треба да се знае дека меѓу нив постојат јасни разлики. Тоа значи дека сомелиер и енолог се две различни занимања.
Поимот sommelier е од француско потекло, а го означува лицето кое служи вино. Станува збор за професионалец, кој има познавање од таа област, одлично ја познава винската култура и на гостите им дава препораки за тоа кое вино е компатибилно со храна. Сомелиерот се грижи за виното од моментот кога ќе се набави, како се чува и сè до оној момент кога треба да се послужи.
Сомелиерите важат за лица со смирен став, елегантно движење, духовит, со широк поглед кон светот. Тој треба да биде добро “поткован“ со информации не само за својата област, туку и за други теми за да им биде пријатен разговорот на гостите.
Исто така, задача на секој сомелиер е да знае кој вид на вино како се сервира, односно во каква чаша, на каква температура… треба да се послужи виното на гостите.
Треба да има одмерен речник којшто ќе му послужи да им објасни на гостите од каде доаѓа виното, како тоа се поврзува со одреден вид на јадења и слично.
Од друга страна, пак, енолог е вински експерт кој се образувал во подрачјето на винарството, односно енологијата. Тоа е дејност што подразбира теоретско познавање за одгледување на виновата лоза, производство и секако чување на вината.
Задача на енологот е да го следи целокупниот процес на виното, почнувајќи до виновата лоза, до соодветно чување на виното во визбите. Освен за винарството, енологот природно треба да има познавања и од неколку области како што се хемија и биологија.
Фото: Pixabay