Сопругот ѝ ги препиша компаниите: Сандра Мелниченко преку ноќ стана милијардерка

315

Рускиот бизнисмен Андреј Мелниченко ја префрлил сопственоста на две компании за производство на јаглен и вештачки ѓубрива на неговата сопруга Александра, ден пред Европската унија да му воведе санкции, пренесува Ројтерс.
Мелниченко, кој изгради деловна империја по падот на Советскиот Сојуз, се откажа од сопственоста на рударската компанија SUEK AO и компанијата за ѓубрива Јурокем Груп на 8 март во корист на неговата сопруга.

Дотогаш, Мелниченко имаше сопственост на компаниите преку синџир на трустови и корпорации на адреси во Москва, швајцарскиот град Цуг и островските држави Кипар и Берумада.

Набргу откако се венчаа, Андреј ја прогласи Александра за наследник на сопственоста на компаниите што ќе ги наследи во случај на неговата смрт, според извори на Ројтерс кои сакаа да останат анонимни.

Меѓутоа, кога изби војната во Украина на 24 февруари, Андреј Мелниченко се плашеше дека неговата деловна империја може да стане цел на санкции од ЕУ. Поради тоа, неполни две недели подоцна – на 8 март ја префрлил сопственоста од двете фирми на сопругата.

Следниот ден, на 9 март, ЕУ објави дека ќе воведе санкции за сите луѓе блиски до режимот на Владимир Путин, вклучително и Мелниченко. Санкциите вклучуваа замрзнување на неговиот имот, забрана за влез во ЕУ и забрана на ентитетите на ЕУ да го финансираат. Санкциите, сепак, не ја опфатија неговата сопруга или децата.

Неколку дена подоцна во Трст беше запленета една од јахтите на Андреј Мелниченко.

Ројтерс наведува дека не успеал да стапи во контакт со семејството Мелниченко. Портпаролот на СУЕК, исто така, не одговори на овие тврдења, но Јурокем, стациониран во Швајцарија, потврди дека Александра била назначена од нејзиниот сопруг како сопственик на компанијата. За тоа прв пишуваше швајцарскиот весник Tages-Anzeiger.

Минатата година, магазинот Форбс го рангираше Андреј Мелниченко за осмиот најбогат Русин со богатство од 18 милијарди долари. Александра Мелниченко, поранешна членка на српската музичка група Моделс, е во брак со Андреј Мелниченко од 2005 година.