Сопственикот на српски Курир ја презема хрватска Story

41

AMZ

Српската комапнија Adria Media Group во сопственост на Александар Родиќ, презеде 75% од основниот капитал на фирмата Adria Medija Zagreb (AMZ). Досегашните мнозински сопственици, финската компанија Sanoma Media Russia & CEE и германската корпорација Gruner & Jahr, се повлекуваат од Хрватска поради “новата стратегија и фокусирање на пазарите на кои се 100% сопственици на компании”, пишува Т-портал.

Преостанатите 25% од AMZ и понатаму остануваат во рацете на австриска Styria, во чиј состав се Вечерњи лист, Пословни дневник и 24 сата.

“Adria Media Group како една од водечките медиумски компании во западен Балкан успешно продолжува со остварување на своите цели и визии. Големо задоволство ни е што во иднина ќе продолжиме регионална соработка со партнер како што е Styria Media Group и заедно ќе продолжиме да работиме на понатамошно развивање на компанијата Adria Media Zagreb. Цврсто веруваме во хрватскиот пазар, кој ги има сите потенцијали за развој на медиумско работење. Сигурни сме дека иднината на здравото работење е во поврзување на регионот и создавање на регионални партнерства”, вели Родиќ.

Во портфолиото на издавачката куќа Adria Media Zagreb се наоѓаат магазините Story, Cosmopolitan, Elle, National Geographic, Sensa и други.

Во мултимедијалното портфолио на Adria Media Group влегуваат 18 печатени и 14 дигитални изданија, како Лиса, Мој стан, Моја лепа башта, Men’s Health, Elle Decoration, Мама, Бурда и дневното издание Курир.