СОС Детско село во земјава постои 18 години

316

Вкупно над четири милиони деца во светот се згрижени или нивното семејство е зајакнато, благодарение на СОС Детските села во 136 земји ширум светот. Со згрижувачките семејства и другите видови алтернативно згрижување на СОС Детските села, се опфатени над 255.000 деца, а со програмите за зајакнување на семејствата во социјален ризик се опфатени над 3,7 милиони деца. Во дел од овие бројки учествува и СОС Детско село во Северна Македонија, кое на ова семејството ширум светот се придружи пред 18 години, стои во соопштението.

Основачот Херман Гмајнер, пред 70 години ја започнува приказната со изградбата на првото СОС Детско Село во Имст, Австрија, за децата кои ги изгубиле родителите во војната за да им се овозможи да пораснат во семејна средина и тоа заедно со нивните браќа и сестри, со грижа од возрасен згрижувач.

Препознавајќи ја можноста, овој начин на грижа е прифатен како соодветен од страна на голем број земји и е преземен како модел за згрижување на децата кои останале без биолошките родители или биле одделени од нивните семејства. Дополнително, СОС Детските села почнуваат активно да работат и на поддршка на ранливите семејства, со цел да останат заедно и да се превенира распаѓањето на семејството и потребата од згрижување на децата во дом или згрижувачко семејство.

“Приказната која ја започна Херман Гмајнер, ја ’продолживме’ пред точно 18 години. И ако осумнаесеттата година е пресвртница во животот на едно дете, кога станува полнолетен млад човек, се надеваме дека и ние како организација, откако го достигнавме нашето полнолетство, ќе продолжиме уште посериозно да чекориме напред и да ја јакнеме нашата самостојност, со помош на многу наши пријатели и донатори, првенствено во интерес на децата фокусирани на задачата „Ниту едно дете не треба да расте само“, вели Јулијана Накова Гапо, национален директор на СОС Детско село.

Програмата на СОС Детско село, за поддршка на згрижувачки семејства и развој на деца, со тимот составен од социјални работници, психолози и педагози, во континуитет, постојано, поддржува 14 СОС семејства или 59 деца без родители и родителска грижа. Секое СОС семејство функционира со поддршка на згрижувачи кои живеат во семејна куќа и обезбедуваат 24 часовна грижа за максимум пет деца без родители и родителска грижа.

Програмата за поддршка на млади, згрижува 28 млади од 14 до 18 години и дополнително поддржува уште 30 млади излезени од грижа, кои студираат. Преку програмата за Социјална превенција, во двата Советодавни центри во Град Скопје, поддржани се 47 семејства и 144 деца и млади во социјален ризик.

СОС Детско село ја започнува својата работа во Македонија од 2001 година. Од тогаш организацијата континуирано се развива и го проширува своето поле на делување. Денес, СОС Детско село се грижи за децата и младите без родителска грижа и работи на полето на социјална превенција. Ги зајакнува семејствата во социјален ризик во кои децата се во најголем ризик да ја загубат грижата од своите родители.

Но, СОС Детско село се повеќе добива и поголема улога во македонското општество особено во областа на социјалната заштита. СОС Детско село е лидер во згрижување и работа со деца и млади во социјален ризик и работи на голем број проекти преку кои ги гради капацитетите на институциите и професионалците кои работат во системот на згрижување на деца без родителска грижа. Активно ги застапува и лобира за остварување на детските права, како и за промени во законите и подзаконските акти, за создавање поволна правна средина за нудење висококвалитетни социјални услуги.

Богатото 70-годишно искуство кое го има СОС Детски села Интернационал, а од кое црпи искуство и СОС Детско село во своите 18 години постоење, во однос на справувањето со проблемите поврзани со грижата за децата, гарантира дека ќе остане доследно во грижата секое дете да порасне во грижлива семејна средина. Низ целиот свет, огромен број на деца се без родителска грижа и многу се изложени на ризик да западнат во таа ситуација.

Затоа, СОС Детско село останува посветено во својата мисија: Секое дете да има семејство; Секое дете да расте со љубов; Секое дете да расте со почитување; Секое дете да расте со чувство на сигурност. Секое дете да има семејство во кое ќе расте опкружено со љубов, почитување и чувство на сигурност.

Овие пораки ќе нè држат силни да ја подобриме нашата работа за да одговориме на секоја ситуација. А, се надеваме дека со нашиот придонес на глобално ниво, СОС Детските села ќе продолжат да вршат позитивни и видливи промени  во животот на милиони деца.

Фото: Facebook