Состојбата на германската автоиндустрија е најдобра во последните три години, загрижува еден фактор

55

Бизнисот на германските производители на автомобили и нивните добавувачи беше многу подобар во мај од претходниот месец, со што индексот на моменталната деловна состојба во таа индустрија од 23,7 поени во април скокна на 36,6 поени, покажува истражувањето на германскиот економски институт.

Тоа е највисоко ниво на овој индикатор од септември 2018 година, се наведува во соопштението на институтот од Минхен доставено до Танјуг.

“Моментално, бизнисот е сè уште многу добар, но мрачните облаци почнуваат да се појавуваат на хоризонтот, поради недостаток на чипови“, метафорички ја опишува деловната клима во германската автомобилска индустрија Клаус Волрабе, раководител на истражувањето на Институтот.

Оптимизмот на менаџерите на автомобилските компании од изминатите неколку месеци сега испари, што е илустрирано со фактот дека соодветниот индикатор падна од плус 23,2 поени во април на минус 1,4 поени во мај, на најниско ниво од мај 2020 година.

“Растот на побарувачката не беше толку силен како неодамна“, додава Волрабе. Тој показател падна од плус 40,2 поени во април на плус 4,7 поени во мај. Соодветно на тоа, растот на фабричките нарачки падна од 42,1 поени во април на 20,9 поени.

Како одговор на ваквите трендови, индустријата планира да го забави производството.

Очекувањата за извоз исто така нагло се спуштија на плус 0,2 поени од априлското ниво од 28,6 поени.

Што се однесува до работната сила во овој сектор, работите сè уште изгледаат лошо бидејќи плановите за вработување на компаниите сè уште не исклучуваат можни отпуштања. Овој индикатор благо се лизна на минус 30,2 поени во мај од минус 29,4 поени претходниот месец.

Фото: Pixabay