South Central Ventures инвестираше 100.000 евра во македонскиот старт – ап Letz

34

letz 1

Регионалниот фонд South Central Ventures (Enterprise Innovation Fund – ENIF) ја направи првата инвестиција во Македонија – инвестираше 100.000 евра во стартапот Letz. Компанијата со седиште во Скопје, а канцеларии во Скопје и Амстердам, разви чет бот (chatbot – компјутерска програма дизајнирана да симулира конверзација со луѓе), која им помага на корисниците во извршувањето на дневните задачи и зголемување на продуктивноста.

Основачите Нино Карас и Мартин Анчевски се млади претприемачи кои го развиваат бизнисот и го градат тимот од 2011 година. Коосновачи се на Codewell, компанија за развој на софтвер, а во 2015 година беа дел од Rockstart бизнис акцелераторот од Амстердам, кој исто така даде поддршка при инвестирањето во новата компанија Letz.

„Letz отвора нова перспектива во проблемите со продуктивноста, со тоа што ја зголемува продуктивноста на корисниците преку суптилна и пријателска интеракција како што е четот. Добро познатата интеракцијата ќе им даде целосна поддршка на корисниците во текот на денот и ќе им овозможи зголемување на продуктивноста. Инвестицијата од South Central Ventures ќе ни помогне во завршувањето и лансирањето на продуктот во неговата финална форма, ќе ни помогне да го пласираме производот на глобалниот пазар“, вели коосновачот на Letz, Нино Карас, стои во соопштението.

letz

Ова е четврта инвестиција на Фондот. Претходно инвестираше еден милион евра во хрватскиот старт-ап Agrivi. Првата инвестиција беше 300.000 евра во новосадската Drytools, софтверска платформа за алатки за програмери, а втората 700.000 евра во City Expert, српска старт – ап компанија која успешно воведува иновации на пазарот на недвижности.

South Central Ventures, менаџер на ENIF фондот, располага со 40 милиони евра за инвестирање на иновативни компании од регионот: Македонија, Косово, Албанија, Србија, Црна Гора, Хрватска и Босна и Херцеговина.

South Central Ventures има канцеларија и во Скопје.