Подготовка на Стратегија за либерализација и развој на финансиските пазари и прашањето околу регулацијата на употреба на криптосредствата беа главните теми на кои се дискутираше на денешната седница на Советот за развој на пазар на капитал со кој претседава министерот за финансии Фатмир Бесими.
Стратегијата ќе придонесе за правилно насочување на понатамошниот развој на финансиските пазари и нивна либерализација, а на нејзино изготвување работи работна група составена од претставници од Министерство за финансии, Министерство за економија, Народна банка на Република Северна Македонија, Комисија за хартии од вредност на Република Северна Македонија, Македонска берза и Централен депозитар за хартии од вредност документ.
Целта е подигнување на улогата и значењето на пазарот на капитал, либерализација на финансиските пазари, како и зголемување на придонесот на пазарите на хартии од вредност во растот на БДП. Додека активностите и мерките се насочени кон домаќинствата, компаниите, инститиуционални инвеститори, инфраструктура и банки.
На денешната седница беше усвоен концептот за подготовка на Стратегијата за либерализација и се дадоа насоки на работната група за продолжување на активностите за финализирање на Стратегијата. Истата се очекува да биде финализирана до крајот на оваа година.
Стратегијата ќе дефинира рокови, носители на активностите и очекувани документи кои се однесуваат на посебните мерки, како и акциски план за нејзино спроведување.
На седницата беше отворено и прашањето за потребата од регулирање на виртуелните средствата, познати како криптовалути. Пред членовите на Советот беа претставени досегашни активности поврзани со законското уредување на виртуелните, односно крипто-средства во РС Македонија, како и понатамошни активности поврзани со активностите за законско уредување на виртуелни односно крипто – средства
Некои држави имаат донесено законски решенија за регулирање на виртуелните средства, се со цел да привлечат инвеститори во виртуелни средства и да се отворат за иновативната технологија врз основа на која се создадени овие средства. Во Република Северна Македонија првпат со Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за спречување перење пари и финансирање на тероризам се среќаваат виртуелните средства само од аспект на активности поврзани со спречување перење пари и финансирање на тероризам.
Ова е втора седница на Советот, кој ги интензивира активностите, а чија цел е да даде придонес во изнаоѓање вистински решенија за натамошен раст и развој на пазарот на капитал преку заеднички напори и меѓусебна размена на искуства и идеи.
Совет за развој на пазарот на капитал ја следи состојбата на пазарот на капитал и предлага мерки за обезбедување на негов континуиран раст и развој. Го сочинуваат министерот за финансии д-р Фатмир Бесими, кој е и претседател на Советот, а членови се претставници на Министерството за економија, Комисијата за хартии од вредност, Народната банка на Република Северна Македонија, Агенцијата за супервизија на осигурување, Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување, Македонска берза АД Скопје, Централен депозитар на хартии од вредност АД Скопје и претставник на стопанските комори.