Советот за унапредување и надзор на ревизијата ќе соработува со бугарската Комисија за јавен надзор на ревизори

26

Совет за унапредување и надзор на ревизијата на Република Македонија, во согласност со своите утврдени цели и активности за унапредување и поставување повисоки стандарди на ревизијата, како и повисок квалитет на ревизорските услуги, а во согласност со утврденото унапредување на меѓународната активност, денеска во Софија потпиша Меморандум за соработка со Комисијата за јавен надзор над овластените ревизори на Бугарија, пишува Миа.

“Квалитетната ревизија е важен сегмент за донесување на инвестициска одлука. Инвеститорите бараат јасна слика за состојбата на компаниите во нашата држава. Целта на Советот е преку стручни анализи и препораки, советувања и вршење независен јавен надзор на ревизијата, да работи во насока на нејзино унапредување, да го поттикнува придржувањето кон високите професионални стандарди во ревизиската професија, како и да ја зајакне довербата на инвеститорите во податоците кои се објавени во годишните и консолидираните сметки на големите и средни трговци во Република Македонија“, изјави Соња Ѓелова – Стојанова, претседател на Советот за унапредување и надзор на ревизијата на Република Македонија.

Советот за унапредување и надзор на ревизијата на Република Македонија е самостојно и независно регулаторно тело, со јавни овластувања утврдени во Законот за ревизија.