Фото: University of Antwerp
Научници од два белгиски универзитети открија процес што може да се користи за намалување на загадувањето на воздухот и истовремено да се произведува енергија со наноматеријали и сончева светлина, пишува Treehugger.
Во процесот се користи мал уред со две комори одвоени со мембрана. Од едната страна се чисти воздухот, а од другата страна со деградација се добива водород.
Добиениот водород може да се складира и подоцна да се користи како гориво. Јадрото на новата технологија е содржано во мембраната, којашто е направена од посебни наноматеријали што работат како катализатори способни да произведат водород и да го намалат загадувањето во атмосферата. За да може да работи овој уред треба да биде изложен на светлина, а технологијата користи процеси слични како на соларните панели.
Професорот Семи Вербруген, кој е еден од водачите на проектот, вели дека уредот којшто е прототип има големина од неколку сантиметри, но со некои дополнителни подобрувања може да се применува во индустријата. Истражувањето е објавено во магазинот ChemSusChem.