Првото Камник пенливо вино, Спарк 2010, е новитет со кој винаријата Камник ги прослави успесите од изминатата година и ја дочека 2016 како нова можност за создавање врвни вински вкусови.
Од винаријата Камник велат дека Спарк ја дополнува нивната палета на производи како вино кое додава свеченост во секоја прослава на животот. Сјајните меурчиња во чашата ги дополнуваат среќата и задоволството кога ги славиме за нас најзначајните радости и успеси со блиските, но и кога ги уживаме наједноставните мигови во денот.
Спарк е пенливо бело вино кое е добиено 100% од сортата Шардоне, од сопствените насади на винаријата Камник. Виното се одликува со нежна сламеста боја и комплексност која се открива во раскошот на нежните меурчиња. Станува збор за брут, суво пенливо вино, добиен со традиционален метод на четиригодишно созревање во шише со што се создава моќно и созреано буке со путерна арома и впечатливи овошно-зачински ноти.
Вкусот е елегантен и кремаст, со бисквитни тонови, совршено избалансиран со овошни ноти и минерални поттонови надополнети со цитрусна свежина, со што се овозможува долготраен послевкус.
Спарк може да го уживате како аперитив, но и во комбинација со свежо овошје. Температурата на која се препорачува да се послужува е 6-9°C.
Како би се овозможила комплетност во доживувањето на ова пенливо вино, специјално за него е изработена и амбалажа, брендирана луксузна кутија Спарк со магнетно затварање, особено пригодна доколку ова пенливо вино сакате да го подарите некому.
Спарк е достапен во винските продавници Камник Вино, Библиотека 1, како и во дел од рестораните во Скопје.