Специјалната болница по хируршки болести Филип Втори одбележува 15 години од своето постоење

59

15 godini Filip Vtori

Специјалната болница по хируршки болести Филип Втори одбележува 15 години од своето постоење.

“Први март 2000 година е датум кој отвори нова страница во историјата на Република Македонија. Страница која ја испишува и потпишува Академик д-р Жан Митрев со неговиот тогаш мал, но голем тим. Со првата бај пас операција започнавме нова ера за македонската кардиоваскуларна хирургија. Ера, во која постојано напредувавме го усовршувавме она најисконското, најчовечкото. Одделот за интензивна нега е најголемата потврда за тоа“, се наведува во соопштението.

Во 2002 година е направена и првата операција на отворено срце врз буден пациент. Следуваше уште една година за нова историја. Во 2003 година за прв пат во Македонија беше извршена интервенција на детско срце.

“Да се биде прв во толку силни и сериозни зафати се огромен предизвик и одговорност. Не застанавме тука, продолживме со развој и на другите оперативни гранки, општа хирургија, ортопедија, абдоменална и торакална хирургија, урологија. Како поминуваа годините, така се зголемуваше нашиот тим. Довербата на пациентите е најтешката придобивка, но ние ја имавме постојано. Во овие 15 години направивме 17.000 кардиоваскуларни  интервенции, од кои 800 се направени кај деца, најмалото беше бебе кое имаше само 2 месеци. Тешкотиите со кои се соочувавме ги надминувавме со секој спасен живот. Зборовите на благодарност упатени и напишани на многу јазици се најсилниот поттик за секој нов ден“, наведуваат од тимот на Филип Втори.

Болницата, како што се наведува, остана пример на болница која работи по европски стандард.

“Признанијата и наградите кои ги добиваме од сите страни се уште една верификација за нашата работа. Меѓу нив и онаа најпрестижната, Награда за најдобар менаџер и болница со најдобар квалитет на здравствени услуги која ја доби Академик д-р Жан Митрев, во конкуренција со многу здравствени центри од Европа и Блискиот Исток. Во оваа измината деценија ипол никогаш не го напуштивме принципот на одговорност и професионалност. Процентот на смртност кој е помал од 1% не вбројува во најреномираните кардиохируршки болници“, се вели подолу во соопштението.

Продолжува мисијата на тимот на болницата за подигање на здравствената култура и превенција за што поздрава популација.