Спласна оптимизмот на светските берзи

41

По забрзаниот раст поттикнат од исходот од претседателските избори и најавите за ефикасноста на вакцината против коронавирусот, акциите на светските берзи почнаа да се “смируваат“.

Главните европски пазари на капитал регистрираа пад од 0,7%, а намалување има и кај цените на фјучерсите на Wall Street. Во исто време, азиските берзи стагнираа, пренесува Ројтерс.

Dow Jones на Њујоршката берза ослабна за 0,08%, S&P имаше благ пораст од 0,77%, а Nasdaq се зголеми за 2%. Фокусот на инвеститорите повторно е ставен на акциите на големите технолошки компании како што се Amazon и Netflix.

Од друга страна, инвеститорите во Европа се вратија на вложувања во сигурни државни обврзници.

На валутните пазари, еврото се движеше околу 1,18 долари, а британската фунта ја намали вредност за 0,5%. Турската лира мируваше по ветувањето на претседателот Реџеп Таип Ердоган дека ќе ја реформира неконвенционалната монетарна политика, додека после оставката на неговиот зет од функцијата министер за финансии забележа раст од 10%.

На пазарот на енергенси, цената на северноморската нафта Brent го прекина тридневниот раст достигнувајќи ниво од 43,46 долари за барел. Организацијата на земјите извознички на нафта, ОПЕК, исто така ги намали прогнозите за побарувачка на нафта, оценувајќи дека на светот следната година побавно ќе закрепнува од она што било претходно предвидено.

Цената на златото е во благ пораст од 0,4% на 1.872 долари за унца.

Фото: Freepik