
Spotify, глобалната платформа за слушање музика, одлучи да ги зголеми цените на претплатите за повеќе од 200 милиони корисници во категоријата Premium за прв пат по 10 години.
– Ги менуваме цените на услугите во категоријата Premium на многу пазари низ светот за да можеме да продолжиме со иновациите – се наведува во вчерашното соопштение на компанијата Spotify, пренесува Би-би-си.
Претплатниците во САД ќе плаќаат 10,99 долари месечно наместо претходните 9,99 долари, а претплатата на овој пакет услуги поскапе и во Велика Британија, Канада, Австралија и на 49 други пазари. Пакетот Premium duo ќе се зголеми во цената на 14,99 долари во САД, како и пакетот Family plan – на 16,99 долари и студентскиот план – на 5,99 долари месечно.
Spotify рече дека корисниците ќе имаат еден месец грејс период пред да стапат на сила новите цени и ќе имаат можност да ја откажат претплатата. Ваквото поскапување не е големо изненадување, бидејќи беше објавено од шефот на компанијата Spotify, Даниел Ек, уште во април.
– Кога ќе биде погоден моментот, ќе ги зголемиме цените, а нашите клиенти ќе го прифатат тоа бидејќи им нудиме многу квалитетни содржини – изјави тогаш Ек, потсетува Би-би-си.
Spotify ќе продолжи да нуди бесплатни содржини – со реклами. Корисниците на премиум пакети можат да уживаат во музика без комерцијална содржина.
Spotify има 515 милиони корисници на повеќе од 180 пазари ширум светот, а околу 40 отсто од нив се претплатници.
Компанијата отпушти шест отсто од својата работна сила во јануари, наведувајќи ја потребата од подобрување на ефикасноста.
Платформите Apple Music, Peacock, Netflix, Max и Paramount+, исто така, неодамна ги зголемија цените на претплатата, според Би-Би-Си.