Спречено е делумно затворање на американската влада – САД имаат пари до 3 декември

21

Конгресот на САД го усвои предлог -законот за привремено владино финансирање до 3 декември, со што беше избегнато делумно затворање на федералните институции.

Предлогот прво беше одобрен во Сенатот со 65 гласови за и 35 против, а потоа и во Претставничкиот дом, каде имаше поддршка од 254 членови, додека 175 беа против. Покрај непреченото работење на американската влада, предлогот за негово привремено финансирање предвидува помош за областите кои претрпеа последици од природни катастрофи и пожари, а исто така се вклучени и пари за бегалците од Авганистан.

Секретарката за финансии Џенет Јелен во вторникот им рече на конгресните лидери дека владата најверојатно ќе остане без пари за да ги плати сметките до 18-ти октомври, доколку Конгресот не го суспендира ограничувањето на долгот или не го зголеми суштински над сегашниот вкупен износ од 28,4 трилиони долари, пренесе Гласот на Америка.