
Србија го доби својот прв еднорог. Ominimo ја затвори инвестициската рунда од Серија Б со учество на инвестицискиот огранок на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), достигнувајќи пазарна вредност од 1,6 милијарди долари.
Ominimo развива осигурителни производи од следната генерација користејќи вештачка интелигенција, напредни математички модели и анализа на податоци за попрецизна проценка на ризикот, одредување на цените на полисите и градење на портфолио за осигурување со повисок квалитет.
Ominimo е основан од Душан Комар и Ласло Хорват од Србија, заедно со Денис Вајнбендер од Германија. Тие го започнаа бизнисот во 2024 година и за кратко време го проширија на четири европски пазари. Во следната година планираат да влезат во уште шест пазари на ЕУ, како и на пазарот на Соединетите Американски Држави.
„Со пазарна вредност од 1,6 милијарди долари, Ominimo стана највредната осигурителна компанија во поранешна Југославија и се рангираше меѓу највредните компании во Србија воопшто“, објави компанијата.
„Ова е голем момент, пред сè за Ominimo, но верувам и за целиот српски стартап екосистем. Кога една земја ќе го добие својот прв еднорог, меѓународните инвестициски фондови почнуваат поинаку да гледаат на таа земја, а шансите од неа да произлезат нови одлични стартапи стануваат поголеми. Нашата желба е да продолжиме да привлекуваме млади таленти од Србија да ни се придружат во решавањето на најсложените проблеми во областа на вештачката интелигенција во светот на осигурувањето и финансиите и да ги градат своите кариери во глобално релевантна компанија, без да мора да одат во странство“, рече Душан Комар, основач и извршен директор на Ominimo.
За помалку од две години, Ominimo достигна речиси милион корисници и годишен обем на работење од повеќе од 350 милиони долари.
„Ominimo е една од најимпресивните осигурителни компании што ги евалуиравме досега, благодарение на комбинацијата од исклучителен раст и силни деловни темели. Задоволни сме што можеме да ја поддржиме компанијата во следната фаза од нејзиниот развој и со нетрпение очекуваме долгорочно партнерство на нејзиниот понатамошен пат на раст“, рече Бруно Лушиќ од ЕБОР.
Како што наведуваат, компанијата е профитабилна од своето основање, што, додаваат тие, е исклучителна реткост на глобалната стартап сцена, каде што повеќето компании со години работат со загуба за да го финансираат растот. Во исто време, за нешто повеќе од една година, од инвестициската рунда од Серија А во април 2025 година, вредноста на Ominimo се зголеми од 230 милиони долари на 1,6 милијарди долари, што е речиси седум пати повеќе.
„Денес, компанијата вработува нешто повеќе од 100 луѓе, од кои две третини се научници за податоци и софтверски инженери. Поголемиот дел од тимот го сочинуваат експерти од Србија кои работат во развојните центри на Ominimo во Нови Сад и Белград. Станува збор за млади луѓе со просечна возраст од само 25 години. Тие се најдобрите математичари и програмери на својата генерација, со речиси совршени просечни оценки, меѓу кои се и добитници на медали на најпрестижните меѓународни натпревари за знаење, вклучувајќи ја и Меѓународната математичка олимпијада“, вели Душан Комар.











