Србија: Хемиската компанија Невена продадена за помалку од еден милион евра

74

Фото: Facebook

Хемиската компанија Невена од српскиот град Лесковац, којашто е во стечај, доби нов сопственик за помалку од еден милион евра, пишува РТС.

Станува збор за Рим груп, компанија од Нов Белград, којашто за околу 913.000 евра (108 милиони српски динари) ја купи компанијата што порано го произведуваше швајцарскиот бренд Косили.

Новиот сопственик ќе го добие објектот Козметика на Невена, што се протега на површина од околу 7.000 метри квадратни, две производни хали, амбуланта, деловен простор, трафостаница и компресорска станица.

Хемиската индустрија Невена лиценцата за производство на Косили ја доби во 1988 година, а ја имаше до 2013 година, кога не успеа да одвои 600.000 евра за нејзино обновување.

По неуспешната приватизација, Невена беше во стечај од 2015 година.