Србија издава “зелени“ обврзници

Владата на Србија донесе одлука за формирање на меѓуресорна работна група за изработка и спроведување на документ за издавање на “зелени“ обврзници на меѓународниот финансиски пазар, пренесуваат тамошните медиуми.

Овој вид на обврзници служат за финансирање на инвестиции за заштита на животната средина.

“Зелените“ обврзници како инструмент за финансирање на проекти за заштита на животната средина порано го користел само бизнис секторот и одреден број институции а од пред неколку години стана пракса и меѓу земји.

Франција во 2016 година го доби епитетот на прва земја во светот што емитува “зелени“ обврзници.

Инаку, пазарот на “зелени“ обврзници датира од 2007-ма година кога институции како што се Европската инвестициона банка и Светска банка емитуваа обврзници за финансирање, покрај останатото, за обновливи извори за енергија и проекти за енергетска ефикасност. Подоцна, на пазарот излегле и компании како што се EDG, Air Liquide, Engie и Schneider Electric со цел да ја финансираат својата енергетска транзиција и диверзификација на инвеститорите.

Фото: Freepik