Србија ќе казнува за злоупотреба на извозот во Русија

32

rusija

Санкцијата на Русија за земјите од Европската унија на увоз на некои прехранбени производи можеби е шанса за Белград, но за таа шанса се свесни и некои европски компании кои работат во Србија. Затоа построго ќе се контролира сета стока која влегува во Србија и од неа заминува на рускиот пазар. Во камионите кои патуваат за Русија не смее да има ништо што не е произведено во Србија. За да нема злоупотреба на положбата на земјата, која не е под руски санкции, надлежните органи ќе отворат четири очи, пишува РТС.

Потпретседателот на Влада и министер за трговија Расим Љајиќ вели дека со Царината и Фитосанитарната инспекција е договорено да се зголеми и да се заостри контролата на граничните премини, така што ќе се евидентира количината на стока што се увезува во Србија, но ќе се котролира и текот на оваа стока, за да се спречи реекспорт, пред се на земјоделски и прехранбени производи.

“Имињата на сите фирми коишто ќе се обидат да го злоупотребат извозот на прехранбени производи во Русија ќе бидат објавени, а фирмите ќе бидат казнети. Веќе ни се јавија од разни странски компании и прашуваа дали може преку Србија да извезуваат храна во Русија. Им рековме дека тоа не е можно, туку дека можат да отворат или да купат некоја фирма во Србија и да извезуваат во Русија производи што се произведени во Србија”, вели Љајиќ, пишува Б92.

Извозот ќе се контролира и од руска страна – два пати месечно ќе се анализира квалитетот. А за извозот да остане српски, Стопанската комора ќе им објаснува на компаниите како да дојдат до повластен статус. Во Комората започна со работа Координативен центар за пружање помош при извоз на прехранбени производи во Русија, а во неговата работа ќе бидат вклучени и претставници на министерствата за трговија и земјоделие, како и од Управата на Царината.

Центарот на извозниците ќе им биде на располагање 24 часа и ќе биде своевидна берза и информативен центар, каде сите заинтересирани ќе можат да добијат податоци, упатства и информации, контакти и предлози како се пополнуваат документи за царина, информации за потребни сертификати и процесот на спроведување на сите елементи, од почеток до крај, потребни произведената стока да стигне до руските полици.

Русија како одговор на санкциите на Запад поради поддршката за бунтовниците во Украина, на 7 август воведе целосна забрана за испорака на говедско, свинско месо, живина, овошје, зеленчук, риба, сирење, млеко и млечни производи од земјите од ЕУ, Австралија, Канада, Норвешка и САД, а мерката е во траење од една година. Србија, пак, е меѓу земјите на кои Русија смета на увоз на храна.