Србија ќе основа банка за дијаспората?

24

Euro Bank NotesДијаспората годишно во Србија испраќа по пет милијарди долари, што сочинува 15% БДП, па би било добро решение да се основа банка за српската дијаспора, оценето е во Стопанската комора Белград.

Идејата за основање ваква банка е предложена во декември минатата година во Белград и од тогаш група економски експерти работеа на проектот, кој беше претставен вчера, пишува Блиц.

Формирањето на банката за дијаспората би овозможила трансферите од странство во Србија да бидат насочени во инвестиции наместо за потрошувачка. Во проектот, како што посочува директорот на владината Канцеларија за соработка со дијаспората и Србите во регионот, Александар Влајковиќ, вклучени се и претставници од Народната банка на Србија.

Според Влајковиќ, иницијативата за основање ваква банка потекнала од дијаспората, која сака на овој начин да воспостави комуникација со матицата. Србите иселени во странство сакаат дел од капиталот да го пренасочат во инвестиции, за да можат да ги вработат своите блиски, но и други работници.

“Имавме поединечни иницијативи од луѓе кои сакаа да основаат ваква банка, но ние сметаме дека тоа не треба да биде банка на поединец, туку да има повеќе основачи и голем број на акционери, а со која ќе раководат луѓе од дијаспората и ќе носат капитал”, вели Влајковиќ.

За основање на банка во Србија потребно е 10 милиони евра основачки влог, па Влајковиќ очекува дека во проектот ќе се вклучи и државата.