Србија ќе привлекува дигитални номади

134

За да привлече дигитални номади да престојуваат и работат во Србија, тамошното Министерство за труд и вработување, ќе предложи промена на два закона. Услов за дигиталните номади да добијат работна виза на една година во Србија е најмалку шест да имале бруто плата повисока од по 3.500 евра месечно, пишува Танјуг.

Според државната секретарка, Бојана Станиќ, дигиталните номади, односно странци кои живеат во земјата, а работат од далечина за странска компанија, ги има и сега во Србија, но тие се невидливи за системот.

Првите чекори во промена на регулативата и привлекување дигитални номади досега во Европа ги направи Естонија, а во светски рамки пример е Бали.

“Се проценува дека во овој момент на Бали има 50.000 дигитални номади. Доколку тие таму потрошат 1.300 евра месечно, државата ќе инкасира по 65 милиони евра секој месец. Сега е прилика Србија да привлече дигитални номади, бидејќи ги имаме сите потенцијали, може да ја промовираме нашата државата и да им овозможиме на тие луѓе да работат овде“, вели Станиќ.

Измените и дополнувањата на законите за вработување странци и законот за странци, според проценките би можеле да се случат до крајот на оваа година.

“Ние најверојатно ќе бидеме првата земја во Европа којашто проектот за виза за дигитални номади ќе ја реализира до крај. Единствен услов за виза би било наназад за шест месеци за работодавачот за кој работи на далечина да има бруто плата од 3.500 евра месечно и да немаат државјанство и дозвола за престој на територијата на Србија“, додала Станиќ.

Промените на овие закони ќе овозможат Србија во 2021 година да биде претставена како земја којашто привлекува дигитални номади.

Фото: Pexels