Србија очекува интерес од Македонија и Грција за каналот Дунав-Морава-Вардар

22

171110388551a70c6c9ffa1399333063_640x480-600x450Српскиот министер за природни ресурси, рударство и просторно планирање Милан Бачевиќ, истакнува дека студијата за исплатливост за изградба на водениот канал Дунав-Морава-Вардар покажа дека тој е економски оправдан.

Како што пренесува МИА, тој во интервју за Радио телевизија Србија вели дека и Македонците и Грците го чекале исходот од кинеската студија и дека е нормално сега кога се знае дека таа е позитивна, македонската страна да ја повика кинеската компанија на разговори.

“За жал, немам право да влијаам на сето тоа, но мојата улога во целата работа е да ја известам македонската страна за конкретните резултати од оваа студија и врз основа на она што тие го покажаа како желба и интерес, да ги забрзаме разговорите”, истакнува Бачевиќ.

Српскиот министер очекува следната недела за ова да се разговара во Кина и како што вели има информации дека и Македонија е подготвена да разговара, но нагласува дека Србија не треба да зависи од одлуката на македонската страна.

“Србија не треба да чека на одлуката од македонската или грчката влада дали ќе влезат во овој проект или не. Србија сега не треба да се откаже од развојот на земјоделското производство, енергетиката, туризмот и другата инфраструктура од овој коридор”, смета Бачевиќ.

Според проценките објавени на српските медиуми, изградбата на каналот Дунав-Морава-Вардар ќе чини меѓу 10 и 15 милијарди евра. Пловниот канал ќе има излез на Егејското море преку Вардар, а целиот проект, според досегашните најави, ќе биде од големо значење, како системите Рајна-Мајна-Дунав, Одра-Висла или Сена-Рона.

Првично се проценува дека должината на пловниот канал Дунав-Морава-Вардар ќе биде околу 650 километри.

Проектот треба да биде мултифункционален и освен пловидбен систем ќе опфаќа и изградба на пет до седум хидроцентрали, ќе обезбеди заштита од поплави и ерозија, ќе овозможи наводнување на земјоделско земјиште и квалитетно  водоснабдување на населението, како и развој на туризмот.