Србија: Олеснувања за фриленсерите на почетокот на 2020 година

82

Властите во Србија донесоа измени на Законот за данок на доход, со коишто се укинати групи на таканаречени паушалци и проширен е списокот на оние кои можат да станат паушалци.

Со овие измени, како што пишува РТС, се опфатени повеќе од 115.000 лица. Една од главните новини е дека од 15-ти јануари даночните решенија ќе се добиваат однапред, по електронски пати, па така ќе се знае колку ќе изнесува данокот за цела година.

Од јануари паушално ќе се оданочуваат автомеханичари, автолимари и сметководители. Начинот на оданочување се менува и за 14 дејности, меѓу кои се таксисти, програмери, архитекти, уметници. Данокот за нив ќе се пресметува по, како што се наведува, републички просек. Сите тие ќе мора да положат тест за самостојност што ги очекува во март. Идејата на тестот е на база на одредени критериуми да се утврди дали лицето кај налогодавачот работи како претприемач или извршува работи што во редовен тек ги извршувало вработено лице.

Се верува дека поради тестот некои категории, како луѓе кои работат во ИТ секторот или се занимаваат со консалтинг, а работат само за еден клиенти, во целост ќе исчезнат, односно повеќе нема да можат да бидат паушалци.

Доколку некој работодавач во Србија во наредната година одлучи да вработи паушалци, ќе добие одредени олеснувања и тоа во првата година 70% пониски даноци и придонеси, во втората 65%, а во третата година 60%.

Фото: Pexels