Србија: Патарините поскапи за 10% од 1 февруари

36

patarina

Од 1 февруари, патарините во Србија ќе поскапат за 10%. Се очекува покачувањето да донесе скоро 13 милиони евра повеќе за одржување на патиштата.

В.Д. директорот на ЈП Патишта Србија, Зоран Дробњак изјави дека цената на патарините не е променета од 2008 година и дека Србија за патнички возила има најниска цена на патарина по поминат километар во однос на останатите европски земји што користат ист систем за наплата. Така, Србија со 0,03 евра по километар патарина е двојно поевтина во однос на БиХ, Хрватска и Португалија, каде изнесува 0,06 евра, стои во соопштението.

Иако како можен модел за наплата во Србија претходно се споменуваа вињети, надлежните се откажаа од таа идеја, затоа што овој систем се покажа како неправеден кон возачите кои повремено користат кратки делови од автопатиштата и кон оние што се во транзит.

“Вињетите не ги оправдаа првобитните планови и очекувања кај земјите што ги воведоа. Се покажаа загуби во приходот во однос на затворениот систем за наплата на патарини”, вели Дробњак.

Во Србија има 670 километри автопатишта на кои се наплаќа патарина.