Србија потпиша договор со компанија на чие чело е зетот на Трамп

Она што се шпекулираше пред неколку месеци сега доби и своја „потврда“.

Како што соопшти Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура, Владата на Србија потпиша договор со компанијата „Афинити Глобал Девелопмент“ за ревитализација на комплексот на поранешниот Сојузен секретаријат за национална одбрана (ССНО), познат како Генералштаб.  Affinity Global Development е во сопственост на Џаред Кушнер, кој е зет на поранешниот американски претседател Доналд Трамп.

Како што се наведува, Владата на Србија не го продаде земјиштето на кое се наоѓа зградата (агол на Немањина и Кнез Милош), туку, како што стои во договорот, земјиштето го дала под закуп на 99 години. Инвеститорот ја презел обврската да ѝ го врати земјиштето и она што дотогаш ќе се гради во Република Србија без надомест, доколку не ја заврши инвестицијата во рокот наведен во договорот, се наведува.

Според она што е досега познато од изјавите на учесниците во оваа зделка и документите достапни на јавноста, на местото на Генералштабот во Белград ќе се наоѓа луксузен станбен комплекс, хотел и меморијален комплекс посветен на жртвите на НАТО бомбардирањето.

Вредноста на оваа инвестиција, како што кажа Кушнер, ќе биде околу 500 милиони долари, а Србија ќе добие 22 отсто од профитот.

Според договорот, инвеститорот има обврска на истата парцела да изгради меморијален комплекс посветен на сите жртви на агресијата на НАТО од 1999 година.

Генералниот директор на Affinity Global Development, Ашер Абехсера, рече дека проектот вклучува уникатен аспект на соработка во кој српските архитекти и дизајнери ќе бидат поканети да ги достават своите идеи за меморијалниот центар.