Србија стана светски рекордер по прилив на капитал и кредитно задолжување од Кина

Србија во последните две години стана светски рекордер по прилив на кинески капитал и кредитно задолжување од Кина, а во регионот на Западен Балкан големо присуство на кинески капитал е забележливо и во Босна и Херцеговина.

Ова се податоци од истражувањето China Global Investment Tracker спроведено од American Enterprise Institute и Heritage Foundation.

Според истражувањето, во Босна и Херцеговина се инвестирани 3,05 милијарди долари, а забележливо е дека инвестициите и заемите од Кина драстично се зголемиле во периодот по 2019 година.

Што се однесува до инвестициите во БиХ, од Кина се слеаа 610 милиони долари, меѓу кои „Пауер Чајна“, „Синомах“, „Кајна Нонфероус“ и „Шандонг Гаосу“ во транспортот, енергијата и металите. Кинеските инвестиции се однесуваат на периодот од 2019 до 2021 година.

БиХ зела повеќе од 2,44 милијарди долари како заеми од Кина за изградба на автопати, хидроцентрали, инвестиции во гасификација и производство на јаглен. Подигнатите кинески заеми го покриваат периодот од 2010 до 2022 година.

Кинеските кредити во Србија се со огромна вредност од 13,98 милијарди долари. Земјата користела кинески средства за изградба на автопати, железници, комунални услуги, гасификација, енергетски проекти, но и за инвестиции во државните компании Електропривреда Србија (ЕПС) и Телеком Србија, се наведува во опсежна анализа на српскиот медиум Недељник , пренесе Индикатор.

Покрај кинеските заеми, Србија во изминатите неколку години привлече директни кинески инвестиции во износ од над 3 милијарди долари.

Инвестициите од 2016 година до денес опфаќаат пред се инвестиции во рудникот „Бор“ и Железарницата во Смедерево, како и во фабриката за автомобилски гуми. Главни инвеститори се Zijin Mining Group, Hesteel Group и Shandong Linglong Tire.

Во изминатите три години, Северна Македонија немаше забележителна инвестиција од Кина или земен заем од надлежните органи. Албанија и Косово се на самото дно по прилив на кинески капитал, пренесува Индикатор.

Фото:Pixabay