Средба Ангеловска-Бежоска со Кристалина Геооргиева: Задржана е макроекономската стабилност

7

И покрај глобалните предизвици, макроекономската стабилност и здравите економски фундаменти на нашата економија се задржани. Ова беше истакнато на состанокот кој со директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева го остварија гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерот за финансии Фатмир Бесими, во рамки на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светска банка, кои се одржуваат во Вашингтон, САД.

На состанокот со првиот човек на ММФ беше зборувано за глобалните ценовни притисоци, успорувањето на растот на светската економија, како и ефектите кои овие движења ги имаат врз одделните економии, вклучително и оние во развој. Нарушувањата на глобалните синџири на добавување, како и повисоките цени на енергијата, храната и металите го поткопуваат опоравувањето на економиите во постпандемискиот период. Согласно пролетните проекции на Фондот, растот на светскиот БДП од 6,1% во 2021 година ќе успори на 3,2% годинава. Овие очекувања во голема мерка се резултат на кризата во Украина и ефектите кои ги има истата во глобалните синџири на добавување.

Во насока на поддршка на економиите за справување со глобалните предизвици, од страна на Меѓународниот монетарен фонд се ставени на располагање повеќе линии за поддршка. Нашата земја минатата недела доби препорака за користење на Линијата за претпазливост и ликвидност (Precautionary and Liquidity Line – PLL), која се става на располагање само на земји со здрави економски фундаменти и кои практикуваат здрави економски политики, што во основа се согледувањата на ММФ и за нашите макроекономски услови и начинот на спроведување на монетарната политика. За да се одобри инструментот, земјата треба да има пред се генерално позитивни оцени при последната мисија на Фондот. Исто така, дополнително се врши оцена на стабилноста на надворешната позиција, на монетарната политика, на фискалната политика, стабилноста и супервизијата на финансискиот сектор, како и соодветноста на статистичките податоци. Доколку по било која од овие категории земјата има значителни ранливости, тогаш таа не може да добие пристап до овој инструмент. Доделувањето на овој инструмент, воедно е признание дека за целиот овој период, од поечтокот на пандемијата наваму, е задржана макроекономската стабилност, односно здравите економски фундаменти.