Средба на министерот Димовски со кинеска бизнис делегација

48

Министерот за земјоделство Љупчо Димовски, вчера одржа состанок со кинеска делегација предводена од градоначалникот на градот Намчун, Ксианг Донг и амбасадорот на Народна Република Кина во Република Македонија, Цуи Зивеи.

За време на средбата гостите изразија голем интерес за инвестирање на кинески компании во земјоделскиот сектор, особено во сточарството, во преработувачката индустрија, во делот на преработки од месо и преработка на ориз, во производството на свила. Гостите од Кина го истакнаа и македонското вино кое веќе станува препознатливо на нивниот пазар.

Според Димовски, Македонија е солиден произведувач на земјоделски производи и дека бележи континуиран пораст на производството и извозот на земјоделски производи.

Со Народна Република Кина веќе е потпишан Меморандум за разбирање за понатамошна соработка во земјоделството и Протокол за фитосанитарни услови за извоз на тутун од Република Македонија во НР Кина, со што формално правно веќе е овозможена соработката во областа на земјоделството.

“Кинескиот пазар е најголем во светот, меѓутоа тоа е и многу пребирлив пазар, за кој е потребен квалитет кој ќе ги задоволи потребите на кинеските потрошувачи. Вашата идеја за присуство на кинески компании, кои ќе отворат свои претставништа во Македонија е одлична можност за вашите бизнисмени, затоа што Република Македонија претставува врата кон пазарот на Европската Унија, за кој сите закони во Република Македонија кои се однесуваат на областа на земјоделството се целосно усогласени со законодавството на Европската Унија. Исто така ја имате мојата поддршка за било која инвестиција во областа на земјоделството”, истакна министерот Димовски.

На крајот на средбата, гостите упатија благодарност до министерот за гостопримството и за исцрпните информации според кои увидоа дека има уште многу области во кои може да се оствари соработка и ја изразија својата желба за повторна средба и инвестирање во земјоделството.