
Гувернерот на Народната банка оствари средба со амбасадорот на Австралија, Питер Трасвел, на која беше разгледана тековната билатерална соработка и можностите за нејзино унапредување.
„Во фокусот на разговорите беа макроекономските движења и предизвиците со кои се соочуваат и двете економии, особено по последните случувања на Блискиот Исток. Дополнително, разговарано беше и за можностите за унапредување на економските врски преку зголемена инвестициска присутност на австралиските компании во земјата. Посебен акцент беше ставен на потенцијалот за соработка помеѓу централните банки на двете економии“, стои во објавата на Народна банка на Фејсбук.
Особено се нагласи и значењето на македонската дијаспора во Австралија како фактор кој придонесува за економски поврзувања, вклучително и преку дознаки, бизнис иницијативи и инвестициски текови.
Средбата беше оценета како конструктивна во насока на натамошно продлабочување на економскиот дијалог меѓу двете земји.











