Средношколци од училиштето Нова станаа квиз – шампиони на Централна и Источна Европа

50

Srednoshkolci od uchilishteto NOVA stanaa kviz-shampioni na Centralna i Istochna Evropa 1

Интернационалниот натпревар CEESA Knowledge Bowl којшто наједноставно може да се опише како голем ученички квиз се одржа во меѓународното училиште Нова, а два тима од оваа образовна институција ги освоија првото и второ место.

Концептот зад овој турнир е учесниците да одговараат на случајно избрани прашања од теми од различни полиња како природни науки, историја, географија, уметност, лингвистика итн.

На дводневниот натпревар учествуваа три тима од Нова кои си ги измерија знаењата со ученици од Софија, Белград, Љубљана, Загреб и Краков. Две екипи предводени од средношколците Петар Пешев и Арт Саити се најдоа на првата и на втората позиција додека третиот Нова тим чиј капитен беше Емилијан Чузмичи се пласираше на високото четврто место.

“Презадоволни сме од успехот кој го постигнаа нашите ученици којшто воедно е и мотивација за сите следни тимови кои се ќе појават на CEESA Knowledge Bowl. Овој натпревар е на исклучително високо ниво и се оценува севкупното знаење на еден тим од сосема различни области. Во многу силна конкуренција, нашите екипи ги освоија првите места и се надеваме дека ќе продолжиме во таа насока и во иднина“, велат од меѓународното училиште Нова.

CEESA Knowledge Bowl е годишен турнир којшто се одржува во различни градови, а во него земаат учество образовни институции од Централна и Источна Европа. За да се победи на овој натпревар потребно е да се има енциклопедиско знаење како и брзина со оглед дека поставеното прашање го одговара оној што прв ќе го стисне тастерот.

Досега натпреварот се одржувал и во Виена, Братислава, Санкт Петербург, Загреб, Љубљана и во многу други метрополи. Голем број на ученици од различни земји првпат го посетија и Скопје поради турнирот и дел од времето го искористија да се запознаат подобро со нашиот главен град.