Среќен 80-ти роденден Том и Џери

414

Многу генерации пораснаа со згодите и незгодите на мега популарните цртани јунаци Том и Џери, кои токму денеска “полнат“ 80 години.

Оваа американска анимирана серија на краткометражни хумористички филмови за прв пат почна да се емитува на 10-ти февруари 1940-та година. Идејата за мачорот Том и глувчето Џери е на Вилијам Хана и Џозеф Барбера кои работеле во одделението за анимација на MGM. Токму првата епизода постигнала огромен успех, како и номинација за Оскар за најдобар анимиран краток филм.

Првично имињата им биле Џаспер и Џинкс, но потоа почнале да ги користат Том и Џери, по кои се препознатливи и денес. Хана и Барбера кога ги осмислувале ликовите имале по помалку од 30 години, а во едно биле согласни – ликовите нема да разговараат, туку како во немите филмови на Чарли Чаплин, авторите знаеле дека ликовите можат да бидат забавни и без меѓусебни дијалози, пренесува ВВС.

Музиката за цртаните филмови е дело на Скот Бредли, а познатиот вресок на Том е лично дело на Хана.

Тие двајца скоро 20 години го надгледувале производство на повеќе од 100 кратки цртани филмови со нивните протагонисти. Хана почина во 2001 година, а Барбера пет години подоцна.

Откако MGM го затвори студиото за изработка на анимирани филмови во 1957 година, Хана и Барбера отворија сопствена продуцентска куќа, но неколку години подоцна MGМ решава повторно да ги оживее Том и Џери, но без оригиналните автори.

Продукцијата е префрлена во Прага со цел да се намалат трошоците во 1961 година, а аниматорот Џин Џејс требало да биде на чело на тимот, но немале ниту доволно буџет и стручен кадар. По него, продукцијата ја презел Џак Џонс, чии аниматори го направиле Том со поголеми веѓи и искривено лице. Во периодот меѓу 1963 и 1967 година, неговиот тим направил 34 цртани филмови.

До почетокот на 70-тите години од минатиот век, многу епизоди со Том и Џери за публиката биле премногу насилни, по што почнале да се продуцираат епизоди во кои мачето и глувчето се пријатели, но тие епизоди никогаш не го достигнале претходниот успех.

Том и Џери денес се популарни ширум светот, од Јапонија до Пакистан, а во Кина е измислена игра со истото име што има над 100 милиони корисници. Тандемот Том и Џери во светот важи за еден од најдолготрајните ривалства во историјата на американската кинематографија.

Серијата е препознатлива по смешните ситуации во коишто се наоѓаат двајца домашни миленици и неуспешните обиди на Том да го фати Џери.

Во овој момент, правата за прикажување на цртаните филмови за Том и Џери ги поседува компанијата Warner Bros и планираат да објават нов филм пред крајот ан годината.

Фото: Facebook