Српска ИТ компанија направи софтвер за Ryanair

25

Белградската ИТ компанија Comtrade за ирскиот нискобуџетен авиопревозник Ryanair направи нов систем за планирање на патувања, кој може да пополни четири авиони боинг 737 за една минута.

По 36.000 часови работа и тестирања, лансирана е платформа за букинг и патувања наречена myRyanair, којашто е базирана на личниот профил на корисникот, стои во соопштението на Comtrade.

Апликацијата myRyanair го забрзува процесот на букирање за 20% и му асистира на патникот за време на патувањето.

Апликацијата им овозможува на корисниците да пребаруваат низ 1.800 рути на овој авиопревозник, побрзо букирање и полесно чекирање. Врз основа на личниот профил на клиентот, myRyanair може да помогне со други активности поврзани со патувањето, од совети за одмор, до како да се заштедат пари. Корисникот дури може да се поврзе со другите патници и да делат такси.

Comtrade е основана во 1990 година. Има канцеларии во 11 држави во Европа и Америка и центри во Љубљана (Словенија), Белград (Србија) и Сараево (БиХ).