Српската влада формираше тим за спас на градежната индустрија, изјави министерот за градежништво Велимир Илиќ на отворањето на Меѓународниот саем за градежништво во Белград, јавува Танјуг.
Според Илиќ, градежниот сектор во Србија е во многу тешка ситуација, поради што владата донела решение да се основа работна група која ќе преземе итни мерки. Работната група ќе ја сочинуваат претставници од повеќе министерства – за градежништво, сообраќај, финансии, економија, труд и социјална политика, правда и регионален развој.
Министерот изјави дека на првиот состанок што треба да се одржи оваа недела сите заедно ќе се обидат да утврдат колкави се долговите на градежната индустрија и како можат да се подмират. Илиќ најави дека ќе бара да се преиспита приватизацијата на некои претпријатија и дека е неопходно во работата на телото да се вклучи и Агенцијата за приватизација.