Српската влада ги укина придонесите за странците кои работат и заработуваат над 1.820 евра во земјата

20

Владата на Србија донесе уредба со која се предвидуваат стимулации за работодавачите кои вработуваат новодоселени лица во Србија, за кои постои потреба која не може лесно да се задоволи на домашниот пазар на труд, а услов е работникот да има основна плата од најмалку 300.000 динари (бруто) или 212.000 динари нето (1.820 евра) кои работникот ќе ги добие со предвиденото олеснување. Според српските медиуми ова најмногу се однесува на околу 1.000 Руски ИТ компании и експерти кои по почетокот на војната во Украина се населиле во Србија, јави дописникот на МИА од Белград.

Според уредбата, право на субвенција има работодавач кој е домашно или странско физичко лице, односно правно лице или претприемач регистрирано за вршење дејност во Србија, како и филијала на регистрирано претставништво на странски работодавач.

Новодоселено лице за кое постои потреба која не може лесно да се задоволи на домашниот пазар на труд е физичко лице кое во периодот од 24 месеци пред денот на склучување на договорот за вработување кај работодавачот не престојувало во Србија подолго од 180 дена и со кого работодавачот склучил договор за вработување на неопределено време со полно работно време и има договорена месечна основна плата согласно прописот со кој се уредува работата од најмалку 300.000 динари.

Стимулациите се исплаќаат во висина од 70 отсто од пресметаниот и исплатен данок на плата за еден или повеќе вработени новонаселени лица и 100 отсто од пресметаните и платените придонеси за задолжително пензиско и инвалидско осигурување.

Според српските медиуми од почетокот на војната во Украина во Србија дојдоа голем број руски граѓани и руски компании, а регистрирани се над 1.000 компании чии основачи се деловни и правни лица од Русија или претприемачи.

Претежно се работи за софтверски компании, дизајнери и високо платени ИТ експерти, за кои постои недостаток насекаде низ светот, па и во Србија.

Гејмерската компанија WarGaming, основана во Белорусија, го најави своето пристигнување во Србија и планира да отвори две нови студија во Белград и Варшава, кои ќе вработат 400 луѓе. Оваа компанија има најмногу вработени во Русија и Белорусија.

Друг пример е Yandex, руската верзија на Google, која има намера да пресели 300 вработени во Белград, како и Luxoft со исто толку вработени.

Од искуството на српските адвокатски канцеларии за деловно право, се проценува дека руските компании ќе останат во Србија најмалку две години, судејќи според договорите за изнајмување на недвижен имот.

Руските граѓани немаат проблеми со водење бизнис во Србија, иако имаат потешкотии со отворање банкарски сметки и финансиски трансакции, а Србија е единствената земја која не се приклучи на западниот пакет санкции, со што им овозможува на руските компании да продолжат да работат со глобалните клиенти во безбедно и стабилно опкружување.

Постапката за регистрирање фирма е иста за Русите како и за српските бизнисмени. Србија и Русија потпишаа договори кои им овозможуваат на руските инвеститори да пласираат производи на пазарот на ЕУ без царина. Исто така, двете земји потпишаа договор за избегнување на двојното оданочување.