Инженерот Сретко Попадиќ од Чачак, Србија, го патентираше својот пронајдок под името Супервпивачки полимери во облик на гел за гасење и спречување да се прошири пожарот. Станува збор за обоен сув прав до кој Попадиќ дошол по тригодишно истражување, специјално формулирајќи мешавина од вештачки материјали (полимери), реолошки адитиви и згуснувачи, пишува Политика.
“Мешањето на правот и водата се одвива во посебно конструирана мешалка што се монтира на црево или хидрант. Иако се додава во помала концентрација, од 0,5% до 0,8%, правот ја зголемува вискозноста на водата и за кратко време ја трансформира во гел, кој се користи за гасење и превентива од пожар со материјали од класа А. Тродимензионалната структура на гелот го спречува истекувањето на водата од материјалот што гори, а задржаната вода ја намалува можноста од повторно палење“, вели Попадиќ.
Тој го земал во предвид фактот дека класичниот начин на гасење на пожарот со вода има многу недостатоци. Според него, голем дел од водата неповратно се губи, а вишокот вода потоа предизвикува поплави кај опожареното место, што предизвикува низа други проблеми.
Додавањето на прав во водата предизвикува хидратација, по што полимерите впиваат 100 до 200 пати поголема количина на вода и набабрува до осум пати повеќе од скробот, што предизвикува создавање на милиони ситни капки вода окружени со полимерни мембрани.
После употребата, гелот се отстранува прилично едноставно, а ултравиолетовите зраци од сонцето го разложуваат на јаглерод диоксид и вода. Гелот не е отровен, а додатокот на нетоксична боја ја подобрува видливоста при употреба.