Српски патент за заштита од поплави – бетонски плочи во форма на буквата L

72

L sistem

Србија пред два месеци се соочи со огромен предизвик со размери на природна катастрофа. Надлежните институции се во постојана потрага за пронаоѓање решение како да одговорат на поплавите.

Раде Милутиновиќ, инженер и иноватор од Нови Сад, тврди дека има решение во случај на поплава. Станува збор за патент под името Универзален систем L, јавува Радио телевизија Србија.

Овој патент опфаќа бетонски плочи во форма на буквата L, а пробната серија на тестирањето се покажа како стабилна одбрана против надојдената вода.

Според иноваторот, бетонските плочи се поставуваат на сува и цврста подлога, како што се шеталишта покрај вода, на постоечки насипи или пристаништа. Секоја од тие плочи тежи по 870 километри, а се високи еден метар и 20 сантиметри, но по потреба можат да бидат подолги, пошироки и потешки.

rade milutinovic

“Јас разработив повеќе системи за складирање. Тие можат да се вградат во земја и никој да не ги забележи, а кога ќе биде потребно само да се извадат. Никому нема да пречат. Втора придобивка е тоа што доколку се стават во поинаква положба, може да се користат како клупи“, објаснува Милутиновиќ.

Според експертите, ваквиот систем може да послужи за заштита од поплави во делови од населби, инфраструктура и споменици, но не може да даде резултати кај неуредени речни корита, каде што е сосема неупотреблив.

За иноваторот Милутиновиќ, неговиот изум има широка примена, а освен тоа е и многу поевтин за разлика од актуелните системи што се користат од странство, а за кои се плаќа и до 670.000 евра.

Овој српски патент за одбрана од поплави се очекува во ноември да биде претставен на саемот за иновации во Хамбург.

Милутиновиќ е член на Српската академија на иноватори и научници. Неговиот патент е одобрен од Заводот за интелектуална сопственост, а заштитен е и во Европа.