Сојузот на стопански комори (ССК) вчера во Музејот на македонска борба ги додели признанијата Македонски квалитет 2015, пишува Миа.
Македонски квалитет 2015 добија десет компании членки на ССК: Голден Арт, Еуген, Зегин, Ариљеметал, Евросимовски консалтинг, Институт Југ, Винарија Камник, Компјунет инженеринг, Македонија експорт и Тинекс.
“Сојузот на стопански комори е современа, иновативна, динамична и најбрзо растечка деловна мрежа која ги следи модерните достигнувања во бизнис светот. Затоа, најголем дел од компаниите нè препознаа како партнер кој го поддржува нивниот прв развој и нивниот претприемачки дух. Изминатите две години, ССК прерасна во деловна мрежа која обединува вкупно 24 стопански комори од кои две билатерални, осум регионални и 14 општи и секторски, со над 30 групации, здруженија и асоцијации. Со својата организација и 20.000 членови е најголемата македонска деловна мрежа“, рече претседателката на ССК, Данела Арсовска.
За тоа кој ќе ги добие признанијата Македонски квалитет 2015 одлучуваше комисија составена од членови на кабинетот на претседателот на Република Македонија согласно прецизно утврдени критериуми. Внимателно беа селектирани македонските инвеститори кои имаат традиција во создавање македонски бизнис идентитет и се амбасадори на македонскиот квалитет на национално и глобално ниво.
Доделувањето на признанијата Македонски квалитет 2015 е под покровителство на претседателот на Република Македонија.