ССК и Инспекцискиот совет ќе се борат за намалување на сивата економија

22

sojuz na stopanski komori na makedonija

Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) и Инспекцискиот совет на Република Македонија заеднички ќе се борат за намалување на сивата економија, пишува Миа.

Тоа го овозможува Меморандум за соработка чија цел е зголемено заедничко делување во насока на намалување на нелојалната конкуренција, којшто денеска беше потпишан.

Меморандумот, којшто претставува основа за зголемување на соработката за потребите на членовите на ССК, како и во областа на промоција, имплементација и унапредување на инспекцискиот надзор во Република Македонија го потпишаа претседателот на Сојузот, Данела Арсовска и претседателот на Инспекцискиот совет, Иринка Ќосева.

“Преку нов проект на контрола на инспекциските служби кај нерегистираните субјекти заеднички ќе работиме кон намалување на нелојалната конкуренција, која е детектирана како еден од најголемите проблеми кои ги има домашното стопанство и е една од причините што економскиот раст е во делумна стагнација во изминатите неколку години. Свесни сме дека треба да почнеме и со примената и имплементацијата на Законот за забрана и спречување на нерегистрирана дејност што е донесен минатата година и кој ќе биде чекор кон поголем економски раст на земјава“, рече Арсовска по потпишувањето на меморандумот.

Таа потенцира дека не смее да се дозволи регистрираните компании, трговци поединци и занаетчии, кои ги почитуваат законите, ги плаќаат даноците, ги исполнуваат стандардите, прописно ги пријавуваат и плаќаат работниците, да трпат штета од нерегистрираните субјекти, кои се дел од сивата економија.