ССМ со приоритети за минимална плата и К-15 во 2014 година

51

Во 2014 година ќе се отпочнат разговорите за минимална плата, а исплаќањето на К-15 нема да ги оптовари буџетите на приватните компании, истакна денеска првиот синдикалец, Живко Митревски.
Митревски најави и завршување на преговорите за Општиот колективен договор за јавниот сектор.
“Во 2014 година ќе ги отпочнеме разговорите околу минималната плата. За тоа разговаравме и ќе имаме посебна средба со стопанските комори и со организациите на работодавачи, како и со Министерството за труд и социјална политика со цел да ги анализираме можностите за одредени корекции во делот на минималната плата, бидејќи во 2014 година очекуваме да попушти кризата и притисоците што се рефлектираат врз севкупната економска состојба”, истакна Митревски.
Тој очекува во 2014 да започнат и преговорите за исплата на регрес на годишен одмор или т.н. К-15 во јавниот сектор.
“Ние како Сојуз на синдикати на Македонија сметаме дека 2014 ќе биде година кога постепено ќе излегуваме од кризата, а тоа значи дека ќе ги отпочнеме преговорите да го утврдиме ова право и за работниците во јавниот сектор”, рече Митревски.
Во однос на реакциите на дел од стопанствениците дека со утврдувањето на исплатата на К-15 во стопанството за приватен сектор нема да се подобри животниот стандард на работниците, Митревски рече дека не станува збор за високи износи кои компаниите не можат да ги издржат.
“Ова е работничко право кое традицонално се користело од страна на работниците. Ние инсистираме тоа право да продолжи да се користи. Не станува збор за некои високи износи кои компаниите не можат да ги издржат. Напротив, станува збор за пристојна сума која според наша проценка мора да му биде исплатена на работникот. Впрочем, тоа не е карактеристика само во Република Македонија, туку тоа е карактеристика на исплата на плати по основ на право на годишен одмор која ја користат и работниците во Европа и во светот”, нагласи Митревски.
Како дел од приоритетите на ССМ за идната година е и продолжување на процесот на формирање на локалните економско-социјални совети.